Средба на мешовити комисии за меѓународен патен превоз на стока и патници - 04 и 05 ноември 2025 година во Подгорица
Почитувани членки,
Во организација на Министерството за сообраќај и поморство на Црна Гора на 04 и 05 ноември во Подгорица се одржаа мешовити комисии за меѓународен патен превоз на стока и патници помеѓу Црна Гора, Република Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Република Словенија и Република Србија.
Г-ѓа Сања Милошевска ја претставуваше Асоцијација Макам-транс во македонската делегација, со што се даде придонес и од практичен аспект во однос на преговорите и постигнатите резултати.
Македонија – Црна Гора
Министерство за транспорт на Северна Македонија и Министерство за сообраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол во кој се потврди либерализација на меѓународниот патен превоз на стоки за и од третa земјa по претходно утврдениот пробен период од 01 мај 2024 до 01 мај 2025 година.
Македонија-Словенија
Министерство за транспорт на Северна Македонија и Министерство за инфраструктура на Република Словенија на средбата разменија информации за понатамошна соработка, го потврдија непреченото одвивање на меѓународниот патен превоз на стоки по што македонската делегација упати покана за наредна средба во Македонија, каде што ќе може да се разговара за размената на дозволи за и од трета земја.
Македонија – Босна и Херцеговина
Министерство за транспорт на Северна Македонија и Министерство за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина на средбата го потврдија непреченото одвивање на меѓународниот патен превоз на стоки кој се одвива либерално (без размена на дозволи) и разменија информации за понатамошна соработка.
Македонија - Србија
Министерство за транспорт на Северна Македонија и Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура на Република Србија на средбата ги истакнаа своите ставови во врска со потпишаниот протокол во 2023 година.
Македонската делегација ја информира српската делегација дека одредбите од потпишаниот протокол во 2023 година ги спроведува во целост, без никакви ограничувања и отстапувања и покрај нецелосната примена на протоколот од страна на Србија, поради несогласување на српските превозници.
Српската делегација предложи и инсистираше на измена на протоколот со предлагање на одредени решенија за надминување на недоразбирањето кое е присутно последните две години во вршење на превоз на стока.
Македонската делегација презеде обврска предлозите да ги достави до надлежните органи во Македонија, по што ќе се информира српската страна за одлуката и следните насоки со цел воспоставување на непречен тек на меѓународниот патен превоз на стоки и патници.
Албумот со слики од одржаните мешовити комисии може да го погледнете на нашата веб страна во делот галерии – билатерални средби.
Ваш Макам-транс