Кражба на стока земена за превоз
Почитувани членки,
Врз основа на се почести информации од ваши колеги за ангажирање на странски превозници кои се регистрирани во бази на транспортни берзи или при преземање на превози од непознати организатори на превоз, јавуваат дека се соочуваат со ангажирање и од фантом фирми кои биле лажно регистрирани, со возила кои не постојат (лажни регистарски таблици) кои по преземање на стоката за превоз ги снемува или немаат од кого да го наплатат превозот, затоа што стоката се истовара на лажна адреса. На возилото, но и на превозникот односно организаторот на превоз му се губи секаков траг, иако до Вас претходно доставуваат голем број на документи со кои докажувале дека се уредно регистрирани трговски друштва.
Ви напоменуваме при ангажирање на превозник или организатор на превоз да внимавате, да ангажирате познати субјекти со кои долго соработувате, но по неколку пати да проверувате дали се истите субјекти затоа што често има информација дека им се хакирани страните и им се злоупотребуваат податоците особено на транспортните берзи.
За да се избегнат секакви несакани случаи при вршење на превоз во патниот сообраќај, од аспект на договарање на превози со лажни превозници или корисници на превоз како и организатори на превоз, Ви препорачуваме и напоменуваме да вршите поголем број на проверки пред довербата да ја дадете на некого со кого за првпат ќе започнувате соработка.
Проверка на бонитет на деловен субјект овозможува побрзо, поедноставно и поефикасно деловно одлучување. Важноста од деталната контрола е од големо значење за да не се соочите со измама, а подоцна и со тужби и барања за надомест на штета. Во денешни услови на интернет конекции, проверките се полесни и возможни.
Друга опасна ситуација со која се соочуваат Ваши колеги е кражба на стоката при вршење на превозот и паркирање на возилата во период на користење на дневен или неделен одмор за возачот, па дури и во случаи возилото да е паркирано на таканаречени сигурни паркинг простори. Пломбите и бравите не се оштетени, нема сигнал за отворање на вратите од товарниот простор, а дел од стоката при отварање на возилото за контрола или истовар на стоката ја нема.
Напомена: Внимавајте каде ги паркирате возилата, побарајте од возачот пред да почне да одмара да направи снимка од возилото и околината каде е паркирано. Проверувајте каде се има камери, затоа што и на безбедните паркинг простори постои шанса да не се активни поставените камери или по настанот на кражба да се отстранат од местата каде биле поставени. Во Србија при вршење на транзитен превоз на стока, ако со рутинска контрола утврдат дека има кражба на стоката, следува заплена на возилото се додека не се докаже каде е направена кражбата, затоа што ќе сметаат дека стоката која е украдена може да е на нивна територија и ќе бараат наплата на фискални давачки. Проверувајте ги сите системи за безбедност, особено оние што се вградени од производителот на приклучното возило кои имаат точни податоци за било какво отворање на вратите споредено со GPS системите кои се манипулираат со некоја опрема што ја имаат крадците, кои не оставаат трага ни на самите пломби, шепи и брави на вратите.
Во овие тешки времиња и услови за работа најмногу профитираат измамниците, затоа соработувајте меѓу себе, најсигурна опција се домашните превозници и корисници на превоз.
Ваш Макам-транс