Засилени контроли од Царинска управа и Државен транспортен инспекторат
25 November, 2021
категорија Makam-Trans
Почитувани членки,
Сообраќајната несреќа која се случи во вторникот на територија на Бугарија и последните случувања во Царинска управа ги зголемија контролите на граница и во внатрешноста на државата со детална проверка на документацијата која ја поседуваат и превозниците кои вршат превоз на стока.
Во проверките на документацијата од професионалните возачи се бара да поседуваат важечки сертификати за професионална компетентност на возач, но за жал поради необезбедувањето на испити за стекнување со сертификатите од страна на државата, веќе осум месеци, голем број на возачи, околу 1500 чекаат термини за испити за да може да ги обноват своите сертификати или да се стекнат за прв пат со сертификат за професионална компетентност на возач. Иако има најава за термини после 6 декември сепак ќе бидат потребни месец или два додека се завршат тие процеси и сите возачи да се стекнат со потребните сертификати, што ќе предизвика застој во превозот на стока, но и проблеми со достава на основни продукти за целокупното стопанство.
Асоцијација Макам-транс повторно испрати реакција до Влада со што повторно побаравме да се донесе одлука за продолжување на важноста на сертификатите на возачите, барем за 2 месеци, разговарано е и со Царинска управа и Министерство за транспорт и врски за да го поддржат нашето барање и да не се дозволи застој во вршењето на меѓународен превоз на стока.
За одлуката на Влада и останатите институции ќе ве информираме дополнително.
Ваш Макам-транс